Прес-конференција на министерот за одбрана, Зоран Коњановски: Воената академија почнува со работа во учебната 2009/2010 година

08/27/2014 - 07:10

 

Во Воената академија во скопската касарна „Гоце Делчев“, по шест години пауза, во учебната 2009/2010 година ќе бидат запишани нови над 30 студенти.
Студентите задолжително ќе престојуваат без надоместок и ќе им бидат обезбедени сите услови за студирање во Академијата, која ќе функционира како високо образовна и научно истражувачка установа за образование на кадри за потребите на Министерството за одбрана и на АРМ, на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. При приемот на кандидатите ќе биде обезбедена соодветна правична застапеност на припадниците на заедниците и соодветна полова застапеност. Академијата ќе функционира согласно Болоњската декларација со примена на европскиот кредит трансфер систем.
- Секој студент – питомец кој ќе заврши прв степен на студии се здобива со чин потпоручник во соодветниот род, по што и ќе биде вработен во МО односно во АРМ согласно потребите, нагласи министерот за одбрана Зоран Коњановски, по денешната презентацијата на Законот за Воената академија и средбата со поранешни функционери од областа на одбраната и безбедноста, стручни лица и авторитети од областа на воените науки. Тој потенцира дека одлуката за бројот на студентите кои ќе се запишуваат на Академија ќе ја носи Владата, но по предлог на МО, АРМ, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.
Во насока на поттикнување на мултинационалната соработка и размена на суденти, на воената академија ќе можат да студираат и припадници на оружените сили на странски држави и странски државјани. Покрај редовните професори, во наставно – образовниот процес ќе бидат вклучени и визитинг професори од познати воени академии или колеџи од земјите – членки на НАТО.
Министерот Коњановски најави дека во иднина ќе се развива концептот за развој на офицерскиот кор.
Универзитетскиот професор и прв министер за одбрана на Република Македонија Трајан Гоцевски по овој повод потенцира дека воените академии во принцип се одржуваат на база на долгорочни и стабилни планирања на кадри.
- Република Македонија , според направените анализи, денес има потреба за 40 – тина офицери кои годишно ќе се произведуваат и ќе ја прават замената на луѓето кои постепено ќе се одлеваат од Армијата, рече Гоцевски.
Поздравувајќи го овој владин проект, Благоја Марковски, полковник во пензија, подвлече дека секоја сериозна земја која ја развива својата одбрана и Армија, треба сериозно да размислува и за нејзината едукација.
- Со повторното отворање на Воената академија ги возобновуваме искуствата што ги стекнавме со поранешната Воената академија. Не може да има воен кор, кој не може да биде едуцира во сопствената земја, изјави Марковски, по денешната презентација во Владата на проектот за Воената академија.