Ориентационо – кондиционен марш на непознато земјиште

08/27/2014 - 09:59

На третиот ден од меѓународниот Летен кампус 2014 за првпат се спроведе практичната вежба „Ориентационо – кондиционен марш на непознато земјиште“ (Land navigation) каде 144 питомци од Македонија, Соединетите Американски држави, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Косово, Германија, Црна Гора, Бугарија поделени во 18 мултинационални тимови работеа на топографска карта по НАТО стандарди со УТМ координатна мрежа, издадена од Воената академија.
Во претходните два дена е реализирана настава на сите питомци при што е извршена географска и топографска ориентација на земјиштето и практично беа покажани основните информации на топографската карта Штип 3 и теренот на кој се изведуваше денешниот марш. За време на настава се повторија основните знаења од предметот Воена топографија и се разменуваа искуства и постапки за работа на карта во секоја од земјите учесници. Целата настава и реализација на вежбата е изведена од страна на капетан м-р Александар Петровски, асистент на Воената академија по предметот Воена топографија со директно вклучување во наставата на најдобрите питомци по топографија (питомец Симона Наумова од 3 година и питомец Михајло Тошевски од 2 година).
Целта на денешната вежба беше да се запознаат сите питомци со теренот, да се проверат во основните знаења и техники на читање на топографска карта и одредување на дадени координати на карта и пронаоѓање на истите контролни точки на околното земјиште. Секој од тимовите беше воден од тим лидер од различна земја учесник на Летниот кампус 2014 со 7 питомци од сите земји учеснички. Нивните командири кои се одговорни за нив нивниот ангажман на Летниот кампус исто така беа ангажирани на контролни точки придружувани од офицери и подофицери од МО и АРМ и беа директно вклучени во набљудувањето и текот на реализацијата на вежбата.
Крајниот резултат е успешно изведена вежба на општо задоволство на сите питомци учесници во истата, а со самото тоа Воената академија докажа и покажа уште еднаш дека располага со стручен кадар и капацитети за обука согласно НАТО стандардите. Со ова нашите питомци докажаа дека се обучени и можат да работат „рамо до рамо“ со питомците и армиите во регионот и земјите членки на НАТО.