Соработката е придобивка за сите – заклучок од меѓународниот летен кампус 2014

08/27/2014 - 10:14



Армискиот полигон „Криволак“ денес беше местото на кое 170 кадети од 8 земји од регионот и пошироко, имаа можност да ги покажат своите вештини и знаења кои ги стекнуваа и надградуваа за време на меѓународниот проект „Летен кампус 2014“ кој се одржуваше изминатите две недели на полигонот „Криволак“ и во центарот за обука „Пепелиште“.

За време на денот на високи гости на кои присуствуваа високи претставници на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, меѓу кои и бригадниот генерал Стојан Димчов, началник на штаб на Здружената оперативна команда во АРМ и деканот на Воената академија, полковник д-р Орце Поповски, изведени беа шест засебни активности кои покриваа разговори со клучни лидери, кои се базираат на принципите на соработка и координација, потоа патрола со оклопни возила, нејзин контакт со непријателски сили и успешно неутрализирање и консолидирање во редовите, како и реакција на нуклеарна-хемиска-биолошка закана (и нејзина деконтаминација). Четвртата точка се однесуваше на процедурите поврзани со импровизираните експлозивни направи, додека потоа следеше извидување со беспилотно летало, пронаоѓање на непријателот, инфилтрација на мултинационални сили, борба и неутрализирање на непријателот и извлекување на силите на меѓународната операција.
Во текот на втората недела, одржан беше и основен медиа тренинг, кој беше воден од сертифицирани медиа тренери, дел од Регионалниот центар за односи со јавноста, кој е и 26. партнерски центар за едукација и тренинг на Алијансата. Медиа тренингот вклучуваше основни теми како принципите на односите со јавноста, комуникациските вештини, социјалните медиуми, интервјуто и прес конференцијата, која, всушност, беше изведена во живо во рамки на денешната завршна вежба.

Во текот на последните две недели кадетите – учесници на летниот кампус кои доаѓаат од Република Македонија, Обединетото Кралство, САД, Бугарија, Косово, Црна Гора, Турција и Босна и Херцеговина посетуваа практична обука, но и академски часови со што се заокружи еден цел систем на пренесување на знаења и вештини. Воедно, овој летен кампус беше и можност питомците подобро да се запознаат меѓу себе, да ги продлабочат знаењата за одбранбените системи и процедурите на другите држави, а со тоа и да влијаат на подобрување на интероперабилноста во некоја идна мировна операција.

Како дополнителна позитивна придобивка е и фактот што преку активностите на полето на цивилно-воената соработка, главно хуманитарната активност на питомците во Центарот за луѓе со пречки во развојот „Порака” – Неготино каде донираа еднодневна ужина и други подароци од сите припадници на овој меѓународен проект, питомците покажаа на дело дека имаат висока воена и хумана свесност и дека ги разбираат потребите на заедницата.