Реализација на вториот модул од проектот за развој на наставен и обучувачки кадар во бих

05/23/2022 - 10:42

Во периодот 8-14 мај 2022 година, во Центарот за професионален развој во Травник, Босна и Херцеговина се реализираше вториот модул од Проектот за развој на основен наставен и обучувачки кадар за БиХ, организиран од страна на Програмата на НАТО за подобрување на образованието во одбраната (DEEP). Во оваа активност, како дел од DEEP тимот во својство на обучувач/инструктор, зема учество д-р Невена Серафимова од Воената академија.

Насловот на модулот е „Оценување и активно учење“ и има за цел да му овозможи на наставниот и обучувачки кадар свесно практикување на активностите на оценување и анализа на разултатите од учењето, како и креирање на соодветни алатки за оценување кои се базирани на принципите на активно учење. Како резултат на успешно завршениот модул, учесниците ќе можат да идентификуваат, изберат и имплементираат најдобри пракси во оценувањето кои произлегуваат од активното учење, да развијат план за оценување на целите на учењето, но и да ги користат оценките и евалуацијата како алатки за подобрување на пристапот и процесите поврзани со учењето.

Меѓу тематските целини кои беа обработени низ неколку работилници се:

- Дијагностика на активно учење, учење насочено кон ученикот и Блумова таксономија;

- Алатки за проценка на исходите од учењето;

- Рубрики и чек-листи;

- Дизајн на тестови;

- Оценување преку есеи, дискусии и проекти;

- Самопроценка и взаемна проценка;

- Методи на фидбек и фидфорвард оценување;

- Техники на оценување во училница;

- Киркпатрик модел на оценување;

- Вовед во обратниот дизајн.

Оваа активност ќе продолжи со реализација на уште неколку тематски модули поврзани со наставата и учењето, а крајната цел е формирање на тим од обучувачи кои ќе можат во иднина да организираат слични обуки во своите работни средини.