Воената академија домаќин на партнерски состанок и практична обука во рамките на проектот СЕТОФФ

05.12.2023

Воената академија во соработка со претставници од партнерските организации во рамките на проектот СЕТОФФ од Белгија, Грција и Шпанија имаа можност да разменат искуства, знаења и идеи за време на редовниот партнерски состанок одржан во организација на Воената академија од 3 до 6 декември 2023 година во Охрид.

Главнaта цел на проектот СЕТОФФ е подобрување на подготвеноста и безбедноста при работа на секторите за управување со кризи и заштита и спасување, како и инкорпорирање на приватниот сектор во процесот на справување со идните кризи и итни случаи преку развој на иновативна наставна програма за е-обуки базирана на успешно тестиран и имплементиран модел на симулација во комбинација со најновите научни сознанија и сеопфатна анализа на потребите за обука и едукација.

За време на тридневната активност присутните од блиску се запознаа со карактеристиките и функционалноста на онлајн платформата за е-учење каде се поставени курсевите создадени во рамките на СЕТОФФ. Покрај другите активности тимот на професори од Воената академија одржа практични сесии за совладување на важни аспекти за управување со платформата, како што се издавањето на дигитални беџови и сертификати, создавање онлајн тестови и други форми на проверка на знаење.

За време на состанокот проф. д-р Митко Богданоски, Декан на Воената академија даде посебен акцент на успешното распространување на резултатите од проектот, како и понатомошно развивање и продлабочување на соработката во рамките на проекти од програмата Еразмус+ и пошироко.