Вториот модул на Регионалниот курс за стратешко лидерство успешно реализиран во организација на Воената академија

05.10.2022

Високи претставници од Австрија, Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Србија и Црна Гора во периодот од 03 до 07 октомври 2022 година учествуваат во вториот модул на Регионалниот курс за стратешко лидерство, организиран од страна на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје со поддршка од австриската Академија за национална одбрана.

За време на отворањето на курсот, Заменик министерот за одбрана, г-дин Башким Хасани го потенцираше значењето на мрежата која се создава во текот на овој курс и нејзината улога во заедничката визија за стабилна и просперитетна иднина на регионот. Од друга страна, Деканот на Воената академија, проф. д-р Митко Богданоски истакна дека освен што е наша задача, имаме и огромна одговорност да вложиме напори да ја зголемиме оваа мрежа, со што ќе се овозможи поуспешен процес на одлучување и поефикасна админстрација во јавниот и приватниот сектор, со што ќе постигнеме координиран одговор, вистински развој и благосостојба.

Курсот е замислен како заедничка платформа за размена на мислења и идеи, искуства и визии помеѓу највисоките претставници од регионот, одговорни за процесот на носење на одлуки и раководење. Регионалниот курс се спроведува во три модули, организирани во Австрија, Северна Македонија и Србија, собирајќи највисоки претставници од различни владини и приватни сектори од земјите од регионот, врз основа на принципот „сеопфатен владин пристап“.

Дел од темите кои учесниците имаат можност да ги дискутираат во рамките на курсот се Анализа на стратешката средина, Справување со современите предизвици во областа на сајбербезбедноста, Геополитички аспекти на заштитата на критичната енергетска инфраструктура, како и Носење на одлуки и анализа на фактори во можно сценарио на затемнување (blackout scenario).

GALLERY