Конкурс за запишување студенти питомци на прв циклус на студии 2013/2014

01.06.2013

МИНИСТЕРСТВО ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВОЕНА АКАДЕМИЈА „ГЕНЕРАЛ МИХАИЛО АПОСТОЛСКИ“ – СКОПЈЕ

Врз основа на член 21 став 1 од Законот за Воената академија („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009), Воената академија во Скопје објавува

 

 


К О Н К У Р С
за запишување студенти питомци на прв циклус на студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје во учебната 2013/2014 година

Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, распишува Конкурс за запишување на 26 студенти питомци на прв циклус.
Студиите на прв циклус на студии се организираат според студиски програми акредитирани со закон, нормативите, стандардите и методологијата прифатени од единствениот Европски простор за високо образование, вреднувани со кредити по ЕКТС. Студиските програми на прв циклус на студии на Академинијата содржат 240 кредити и траат четири години. Секоја година на студиската програма содржи 60 кредити.

ПРАВО НА УЧЕСТВО НА КОНКУРС

На Конкурсот можат да се пријавуваат кандидати кои ги исполнуваат општите услови:
- да се државјани на Република Македонија,
- да положиле државна матура, меѓународна матура, училишна матура во ги¬мна¬зиско образование или завршен испит по завршено стручно средно образование со четиригодишно траење,
- да не се постари од 21 година на денот на пријавување и поднесување на документите и
- да се психофизички способни (го утврдува воено-лекарска комисија).
Покрај општите услови, кандидатите треба да ги исполнат и посебните услови:
- да не им е изречена мерка забрана за вршење на професија, дејност или должност,
- да ги исполнуваат безбедносните критериуми според Законот за класифицирани информации што ги утврдува надлежна Служба во Министерството за одбрана и успешно да го положат тестот за физичка способност.
Право на учество на Конкурсот имаат и кандидатите државјани на Република Македонија кои средното образование или дел од средното образование го завршиле во странство.
Кандидатите државјани на Република Македонија кои средното образование или дел од средното образование го завршиле во странство треба да достават документ за нострификација на сведителство или дипломата добиена во странство, издаден од надлежно министерство.
Право да учествуваат на Конкурсот имаат и странски државјани.
Странските државјани треба да достават диплома за завршено средно образование преведена на македонски јазик и неговото кирилско писмо и заверена од надлежен орган.

Согласно Националниот акциски план на Република Македонија за имплементација на Резолуцијата 1325 на Советот за безбедност на Обединетите Нации, со цел зголемување на улогата и активното учество на жените во областа на мирот, одбраната и безбедноста, Министерството за одбрана на Република Македонија ги повикува и охрабрува девојките и жените кои ги исполнуваат условите да се пријават на конкурсот.

КРИТЕРИУМИ ЗА ИЗБОР ЗА ЗАПИШУВАЊЕ

При изборот за запишување на кандидатите на прв циклус на студии на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје во учебната 2013/2014 година, покрај општите и посебните услови се земаат во предвид и следните критериуми:
- општиот успех на кандидатите по сите предмети,
- успехот од државната матура,
- успехот постигнат на проверката на компетенциите (физичка способност).
Вреднувањето на критериумите за запишување се изразува во поени. Кандидатите кои положиле државна матура, меѓународна матура, училишна матура во гимназиско образование или завршен испит по завршено стручно средно образование со четиригодишно траење можат да освојат максимум 100 поени вкупно за сите критериуми.
Кандидатите кои немаат положено државна матура или меѓународна матура можат да освојат максимум 65 поени вкупно за сите критериуми.
Општиот успех постигнат по сите предмети во средното образование се вреднува најмногу до 55 поени.
На општиот успех на кандидатите постигнат по сите предмети во средното образование се додава и успехот од државна или меѓународна матура која се вреднува најмногу до 35 поени.
На општиот успех на кандидатите постигнат по сите предмети во средното образование и успехот од државната или меѓународна матура се додава и успехот од проверката на компетенциите (физичка способност) кој се вреднува најмногу до 10 поени.
Предност при запишувањето, под услов да исполнат минимум поени утврдени со овој конкурс, имаат припадниците на безбедносните сили, децата на загинат или починат припадник на безбедносните сили и децата на воен инвалид од I до VII група воен инвалидитет.

ВРЕДНУВАЊЕ НА УСПЕХОТ

Вреднувањето на успехот од средното образование се врши на следниот начин: се собираат сите оценки што се внесени во сведителствата од сите години, добиениот збир се дели со бројот на оценки и вака добиениот среден успех се множи со 11. На ваков начин можат да се добијат максимум 55 поени.
Вреднувањето на успехот од државната матура се врши на следниот начин: за сите кандидати задолжителен екстерен испит од државната матура е предметот мајчин јазик (Е1), другите предмети (екстерни и интерни) кои кандидатите ги избираат при полагањето на државната матура, а кои се значајни за запишување на Академијата се следните:
-Екстерен изборен предмет (Е2): математика (основно ниво), математика (напредно ниво) или странски јазик;
- Интерни предмети:
за гимназија: математика (ако не е избран како екстерен предмет), странски јазик (ако не е избран како екстерен предмет), информатика, физика, хемија, историја, социологија и географија (два предмети И1 и И2);
за средно стручно образование: математика (ако не е избран како екстерен предмет), странски јазик (ако не е избран како екстерен предмет), информатика, физика, историја, хемија или бизнис и еден стручен предмет според образовниот профил на кандидатот (два предмети И1 и И2).
Се собираат оценките од двата екстерни предмети кои се полагаат во државната матура (Е1 и Е2) и добиениот збир се множи со коефициент 1,7 (максимум можат да се добијат 17 поени), се собираат оценките од двата интерни предмети (И1 и И2) кои се полагаат во државната матура и добиениот збир се множи со коефициент 1,5 (максимум можат да се добијат 15 поени), на збирот од вака освоените поени се додаваат поени за проектната задача (оценката добиена на проектната задача се множи со коефициент 0,6 со што можат да се добијат максимум 3 поени). На ваков начин можат да се добијат максимум 35 поени. За кандидатите што полагале меѓународна матура вреднувањето се врши на следниот начин: за шестте предмети се собираат оценките (со што се добиваат максимум 30) поени и се додава оценката од матурска тема (5 поени). На ваков начин можат да се добијат максимум 35 поени.

ПОСТАПКА ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ

Конкурсот го спроведува Конкурсна комисија и Комисија за спроведување на проверката на компетенциите (физичка способност).
Пред отпочнувањето на проверката на компетенциите се врши утврдување на психофизичката способност на кандидатите. Ова има елиминаторен карактер.
Психофизичката способност на кандидатите се утврдува со специјалистички прегледи и оценка од Воено-лекарска комисија во Воено-медицинскиот центар во Скопје.
Воено-лекарска комисија врши утврдување на психофизичка способност согласно Правилникот за мерилата за оценување на посебната здравствена и физичка способност за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/03 и 5/04).
Постапката за проверка на компетенциите се состои од проверка на физичката подготв¬ност, од следните дисциплини:

Проверката на компетенциите има елиминаторен карактер и во понатамошната постапка нема да се рангираат кандидатите кои што не ги задоволиле предвидените норми, односно не освоиле минимум 5 поени од можните 10 поени.
При проверката на компетенциите кандидатите треба да имаат документи за утврдување на идентитетот (лична карта или пасош).
Вкупниот број поени врз основа на кои се врши рангирање на кандидатите се добива со собирање на поените од: успехот во средното образование, поените од државната или меѓународна матура и проверката на компетенциите.
Рангирањето на кандидатите го врши Конкурсната комисија. Услов за избор на кандидатите за школување се освоени минимум 51 од можните 100 поени добиени по сите основи.
Конкурсната комисија на огласна табла на Академијата ги објавува поените на кандидатите од средното образование (среден успех), поените од државната матура (среден успех) и резултатите од проверката на компетенциите (физичката способност) веднаш по завршената работа на комисијата за проверка на компетенциите.
Кандидатот кој не е задоволен со постигнатите резултати има право на приговор до конкурсната комисија во рок од 24 часа од објавувањето на резултатите од проверката на компетенциите (физичката способност) на огласна табла на Воената академија.
Ако приговорот е доставен по утврдениот рок кандидатот го губи правото на приговор во натамошната постапка во поглед на резултатите (поените) од проверката на компетенциите.
Конкурсната комисија изготвува и објавува преелиминарна ранг-листа на добиените реултати за кандидатите за школување во рок од 24 часа по реализацијата на проверката на физичката подготвеност.
Во преелиминарна ранг листата се истакнува бројот на поените од средно образование (среден успех), бројот на поени од државна матура (среден успех), бројот на поени од проверката на физичката подготвеност и вкупниот број на поени за секој кандидат.
Кандидатите имаат право на приговор на преелиминарна ранг листата до Деканатската управа на Воената академија преку конкурсната комисија, во рок од 24 часа од нејзиното објавување.
Одлуката на Деканатската управа по приговорот е конечна.
Одлуките по приговорите се објавуваат на огласна табла на Воената академија во рок од 24 часа од истекувањето на рокот за поднесување приговори.
Во случај два или повеќе кандидати да имаат еднаков број поени и да не може да се изврши избор на предвидениот број кандидати за школување предност при изборот ќе имаат кандидатите – добитници на награди и признанија на државни и меѓународни натпревари во области значајни за соодветна студиска програма. Видот и соодветноста на наградите и признанијата ги утврдува Конкурсната комисија на Воената академија.
По објавување на конечната ранг-листа, Наставно-научниот совет на Воената академија донесува предлог мислење за истата и го доставува до министерот за одбрана, кој донесува конечно решение за прием на кандидатите од листата.
Посебните права и обврски на кандидатите примени за питомци се уредуваат со договор во согласност со Законот и Статутот на Академијата.

РОКОВИ
Заинтересирани кандидати за упис на Воената академија за учебната 2013/2014 година можат да се пријават на 13, 14 и 15.08.2013 година. Доколку во првиот пријавен рок не бидат примени кандидати во планираниот број, Воената академија ќе организира втор уписен рок на 29 и 30.08.2013 година и трет уписен рок 13.09.2013 година.
По утврдување на пријавните листи, пријавените кандидати кои ги исполнуваат условите од конкурсот ќе бидат повикани за утврдување на психофизичката способност и физичката подготвеност.

ДОКУМЕНТИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ
Кандидатите треба да ги поднесат следниве документи:
• молба;
• пополнет формулар кој се добива во Воената академија;
• свидетелства за сите четири години од средното образование во оригинал;
• диплома за положен матурски испит во оригинал;
• уверение за државјанство;
• извод од матичната книга на родени;
• уверение од надлежен суд за неизречена мерка на безбедносна забрана за вршење професија, дејност или должност.
Кандидатите државјани на Република Македонија кои средното образование или дел од средното образование го завршиле во странство треба да достават документ издаден од надлежно министерсто за нострификација на сведетелство за сите години, за дел од годините што ги завршиле во странство или диплома за завршено средно образование добиена во странство.
Документите за пријавување на конкурсот кандидатите треба да ги достават лично во деловодството на Воената академија во Скопје на ул. ,,Васко Карангелески“ бб.

ШКОЛУВАЊЕ, ПРАВА И ОБВРСКИ НА СТУДЕНТИТЕ

Кандидатите кои се пријавиле за прв циклус на студии за потребите на Армијата на Република Македонија по запишување на студиите се стекнуваат со статус студент/питомец.
За време на школувањето на студентите/питомци им се обезбедува интернатско сместување, исхрана, униформа, долна облека и обувки, учебници и други предмети и помагала потребни за студирањето, без надомест, здравствено и инвалидско осигурување, месечни примања за намирување на најопходните лични потреби, патни трошоци за доаѓање на Академијата и враќање на почетокот и крајот на секоја учебна година и при школскиот распуст, како и патни трошоци за упатување на пракса од Воената академијата.
Посебните права и обврски меѓу студентите/питомци и Воената академија се уредуваат со договор во согласност со Законот за Воена академија и Статутот на Воената академија.
По завршувањето на школувањето студентите/питомци се произведуваат во чин потпоручник од соодветен род и се примаат на служба во Армијата на Република Македонија, односно на работа во Министерството за одбрана.