Министерката Славјанка Петровска во посета на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“

18.01.2023

Денес министерката Славјанка Петровска оствари работна посета на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ каде имаше средби со деканот, наставниот кадар и питомците на Академијата. 

Деканот на Воената академија, полковникот проф. д-р Митко Богданоски, ја информираше министерката за реализираните активности во 2022 година и плановите за тековната година.

Министерката истакна дека академијата е суштински важна за одбранбениот систем. Бидејќи во неа се создаваат идните воени лидери, идните македонски НАТО офицери. Дополнително истакна дека во 2023 година заеднички ќе се работи за посилна Академија, подобри услови за настава, нови програми кои се исклучително важни за безбедноста на државата.

При посетата, министерката Петровска разговараше и со дел од питомците на Воената академија, на кои им порача да бидат активни, да ги развиваат своите способности и своите знаења зашто тие се идните офицери на македонската Армија и од нив зависи како ќе се развива Армијата во годините кои доаѓаат.