Македонија заслужува да биде дел од нато-алијансата: предавање на сели пеинтер на воената академија

27.08.2014



„Довербата и смелоста се есенцијални за проширувањето на Алијансата. Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО и лидерството во земјата треба да продолжи со своите активности за да ја достигне оваа цел“, рече Сели Пеинтер во своето предавање на Воената академија, на тема „НАТО самитот во Кардиф: Стратегија за проширување и искуства од претходните самити“.

По тој повод министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, претставувајќи ја гостинката од Соединетите Американски Држави, рече дека Сали Пеинтер е истакната личност во овој процес во САД, која има работено на различни позиции во администрацијата, во приватниот сектор и во „тинк тенк“ заедницата, личност која споделува искуства со нас во врска со некои претходни самити за проширување и личност која нè охрабрува во нашите напори за да добиеме покана за членство во НАТО.

Токму во контекст на споделувањето на искуства од претходните самити, г-ѓата Пеинтер истакна дека секое проширување на НАТО досега претставувало предизвик и дека за секое проширување досега постоеле членки кои се спротивставувале на тоа. „За влезот на Полска, Чешка и Унгарија во НАТО, во 1999 година постоеше противење, а истото беше случај и со Балтичките земји. Сепак, проширување имаше. Затоа сите мора да бидеме ангажирани и да работиме на тоа да се постигне напредок и да се претвори самитот на НАТО во Кардиф во самит на проширување“, истакна Пеинтер.

Воедно таа пред началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, заменик-министерот и државниот секретар во Министерството, деканот на Воената академија како и останатиот воен врв, претставниците на кабинетите на претседателот и владата на Република Македонија и амбасадорите и одбранбените аташеи во нашата земја, посочи дека одлуките се политички и дека тие може да се менуваат. „Предизвици постојат, но лидерите можат да се состанат и да донесат одредена поинаква политичка одлука. Постои можност и важно е таа да не се пропушти“, заклучи Сели Пеинтер во своето предавање.