Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, како единствена воена високообразовна институција во Република Северна Македонија на 14 јуни 2022 година одбележа 27 години од своето основање, за што беше организирана пригодна церемонија во просториите на Академијата со присуство на сите вработени во истата.
За време на прославата, Деканот на Воената академија полковник д-р Митко Богданоски, редовен професор во своето обраќање се заблагодари за огромниот придонес на сите вработени, започнувајќи од професорите кои претставуваат основоположници на институцијата, целосниот наставен кадар, како и на сите вработени во административната служба на Академијата. Во својот говор Деканот издвои неколку клучни успеси кои го крунисуваат работењето во овие 27 години, како што е регионализацијата на Академијата и едуцирањето на офицери за нашето Министерство за одбрана и Армијата, но и за потребите на земјите од регионот, а имено Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Исто така беше истакната меѓународната соработка на институцијата преку бројните проекти поддржани од НАТО и ЕУ, како и процесот на размена на питомци, студенти и наставен кадар со партнерските институции од регионот и пошироко.
Во знак на признание и благодарност дел од вработените на Воената академија беа соодветно наградени од страна на Министерката за одбрана на Република Северна Македонија и Деканот на Академијата за своето посебно залагање и исклучителен придонес во процесот на работење на институцијата.
Прославата на јубилејот од 27 години од основањето на Воената академија е дел од низата настани кои Воената академија ги организира во склоп на прославата на 3 децении од основањето на Армијата и почетокот на военото образование во Република Северна Македонија.